Американски сенатори до Трамп: царина од 500 проценти за земјите што купуваат руски гас и нафта

Американскиот сенатор Линдзи Греам објави во среда дека 72 американски сенатори поддржуваат закон со кој се предвидуваат строги санкции против Русија, како и високи царини за земјите што купуваат руска нафта и гас, доколку рускиот претседател Владимир Путин одбие да се вклучи во сериозни преговори за прекин на војната во Украина.

„Нашата цел е да го поддржиме претседателот“, рече Греам, републиканскиот сенатор од Јужна Каролина и близок сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп.

Овој закон вклучува царина од 500 проценти за увоз на нафта, природен гас, нафтени производи и ураниум од Русија, а исто така им забранува на американските граѓани да купуваат руски хартии од вредност.

Предлог-законот веќе го помина потребниот праг од 60 ко-спонзори и има поддршка од лидерите на обете партии, што претставува силна можност за негово усвојување во Сенатот и да добие доволна поддршка во случај на евентуално вето од страна на претседателот Трамп, пишува thehill .

„Тој го изрази својот гнев. Сакаме преговори за завршување на војната, на фер и искрен начин. Мислам дека Трамп е вистинската личност за постигнување на таа цел, но овие санкции го изразуваат ставот на Сенатот, кој ја смета Русија за главен виновник“, нагласи Греам.

Тој, исто така, го предупреди Путин да не го потценува Трамп, нарекувајќи го законот „важна алатка во кутијата со алатки на претседателот Трамп“.

„Кога претседателот Трамп ќе одлучи дека сме стигнале до несоодветен момент, очекувајте акција“, додаде Греам.

Според него, Путин ќе се соочи со едноставен избор: да преговара или да гледа како руската економија се распаѓа.