Појавувањето на тела во пошумените и оддалечените области на Нова Англија станува вознемирувачки тренд, а најновиот случај на смртта на 21-годишната Адријана Суазо дополнително ги зголеми стравовите кај граѓаните во регионот.
Телото на млада жена од Бостон било пронајдено од случаен минувач во недела, 1 јуни, околу 11:45 часот наутро во шумска област во градот Милтон, околу 13 километри јужно од Бостон, соопшти канцеларијата на окружниот обвинител на Норфолк. Според нивната изјава, на телото немало видливи знаци на насилство, а точната причина за смртта ќе биде утврдена со обдукција во Канцеларијата на главниот судски испитувач, пишува Њујорк пост.
Смртта на Адријана Суазо е најновата во загрижувачката серија сомнителни и необјаснети смртни случаи што ги потресоа државите Масачусетс, Конектикат, Род Ајленд и Мејн од март оваа година. Оттогаш се пронајдени најмалку 13 тела, повеќето од нив во оддалечени или шумски подрачја.
Иако околностите во многу случаи се различни – од смртни случаи без надзор до брутални убиства и распарчени тела – растечкиот број на случаи и близината на времето ги поттикнаа јавните шпекулации за можен сериски убиец. Сепак, полицијата и обвинителите засега ги отфрлаат ваквите тврдења, наведувајќи дека нема форензички докази што ги поврзуваат сите случаи.
Еден од првите случаи се случи на 6 март, кога телото на 35-годишната Пејџ Фанон беше пронајдено во реката Норвок во Конектикат, истиот ден кога беше пронајден човечки череп во шумата во близина на Патот 3 во Плимут, Масачусетс.
Само неколку дена подоцна, на 19 март, распарчените останки на 58-годишната Сузан Вормсер беа пронајдени во куфер во Гротон, Конектикат. Нејзината цимерка беше уапсена, но почина кратко време потоа во притвор. На 25 март, 59-годишната Дениз Лири беше пронајдена мртва во Њу Хејвен, додека еден ден подоцна, на 26 март, телото на 56-годишната Мишел Романо беше пронајдено во шумата во Фостер, Род Ајленд.
На 9 април, телото на неидентификувано лице беше пронајдено во Килингли, Конектикат, а на 20 април, друго тело беше извлечено од реката Сиконк во Потакет, Род Ајленд. Само неколку дена подоцна, на 27 април, две тела беа пронајдени истиот ден – едното во реката Конектикат во близина на Роки Хил, другото во Тонтон, Масачусетс. Телата на уште две жени, вклучувајќи ја и 45-годишната Меган Мередит, беа пронајдени на 22 април во близина на велосипедска патека во Спрингфилд.
Најновиот случај, пред Адријана Суазо, беше регистриран на 30 мај кога 34-годишната Јасмин Вилкс беше пронајдена мртва во паркот Еџвуд во Њу Хејвен.
Сестрата на починатата Адријана, Мелани Пизаро, за „Фокс њуз диџитал“ изјави дека нејзиното семејство бара одговори.
„Не обвинувам никого, но околностите се сомнителни. Таа беше со некого кога почина или непосредно пред тоа. Само сакаме вистината за тоа што ѝ се случило“, рече таа.
На местото каде што беше пронајдено телото на Адријана, семејството и пријателите одржаа бдение во чест на нејзиниот живот.