Американците објавија снимки од бомбардерите Б-2 пред нападот врз Иран

Министерството за одбрана на САД објави снимки и фотографии од седум стратешки бомбардери Б-2А „Спирит“, кои полетаа од воздухопловната база Вајтман во Мисури ноќта на 20 јуни, како дел од нападот врз иранските нуклеарни објекти во операцијата „Полноќен чекан“.

Секој авион бил вооружен со две бомби GBU-57A/B MOP (Massive Ordnance Penetrator) од 13.600 килограми, таканаречени „Bunker Buster“, дизајнирани да уништуваат идентификувани подземни цели, објавува Телеграф.

Дополнителна документација потврдува дека бомбардерите се вратиле во воздухопловната база Вајтман на 22 јуни, по повеќе од 36 часа лет во текот на кој извршиле напади над иранска територија.

Инаку, во раните утрински часови на 22 јуни, САД извршија голем воздушен напад врз три големи ирански нуклеарни постројки: Фордоу, Натанц и Исфахан.

Нападот беше извршен во координација со Израел и во него беа користени бомбардери Б-2 Спирит, опремени со тешки бомби GBU-57/B „Massive Ordnance Penetrator“ способни да продираат во дебели слоеви од бетон и почва, насочени кон длабокиот комплекс Фордоу.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сите цели биле успешно погодени и дека нападот имал за цел да се спречи Иран понатамошно развивање на нуклеарно оружје, како и да се принуди Техеран да се врати на преговарачката маса откако дипломатските напори не успеаја.

Пентагон потврди дека биле лансирани вкупно 75 ракети, вклучувајќи повеќе од десетина ракети „Томахавк“ на три локации.