Американците признаа: Ние не ја уништивме нуклеарната постројка

Првичните проценки на американските и израелските разузнавачки агенции покажуваат дека воените напади врз нуклеарните постројки на Иран минатата недела не уништиле основни компоненти на нуклеарната програма на Техеран и веројатно само ја вратиле за неколку месеци, објави Си-Ен-Ен.

Два извори изјавија дека иранските залихи од збогатен ураниум не се уништени, додека трет рече дека центрифугите се во голема мера „неоштетени“.

Еден од изворите изјави дека проценката направена од Агенцијата за одбранбено разузнавање на Пентагон се базира на проценка на штетата спроведена од Централната команда на САД по американските напади.

Белата куќа го потврди постоењето на проценката, но рече дека американската администрација не се согласува со неа.

Израелските разузнавачки служби проценуваат дека американските и израелските напади ја вратија нуклеарната програма на Иран за „неколку години“, но не ја уништија целосно, како што постојано тврди американскиот претседател Доналд Трамп, изјави неименуван израелски функционер за „Тајмс оф Израел“.

„Проценката на израелското разузнавање постојано се ажурира и усовршува, а поконкретно разбирање за статусот на нуклеарната програма на Иран ќе биде достапно во наредните недели“, рече израелскиот функционер.

Сепак, тој оцени дека воените напади биле корисни бидејќи, како што рече, преговорите што САД претходно ги водеа со Иран не можеле да постигнат такви резултати.