Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден денеска објави дека вовела санкции за четворица Израелци кои се вклучени во нападите врз Палестинците на Западниот Брег, објави весникот Хил.
Бајден издаде директива давајќи им на Стејт департментот и Министерството за финансии овластување да казнуваат поединци, што е практика на САД кога сакаат да санкционираат криминалци, терористи и прекршувачи на човековите права.
Санкциите против поединци на црната листа го блокираат нивниот пристап до средствата што ги имаат во САД, им забрануваат влез во Америка и им забрануваат на американските граѓани да вршат какви било трансакции со санкционираните лицa.
Висок член на администрацијата рече дека одлуката е насочена кон промовирање на „мирот, безбедноста и достоинството“ на Западниот Брег и дека тоа е дел од пошироките цели на администрацијата за формирање палестинска држава, а истовремено поддржувајќи го Израел да го уништи Хамас во Газа.
Нивото на насилство на Западниот Брег се зголеми во 2023 година и стана највисоко во споредба со претходните години.