Америка ја повикува ЕУ да се приклучи на воведувањето на 100-процентни царини за руската нафта

САД се надеваат дека нивните европски сојузници ќе им се придружат во воведувањето на таканаречените секундарни царини за Русија, изјави американскиот министер за финансии Скот Бесент во интервју за CNBC.

„Руската нафта ќе биде предмет на секундарни тарифи до 100 проценти“, рече Бесент.

,,Ги повикувам нашите европски сојузници, кои досега само вербално се залагаа за остри мерки, да нè следат ако ги воведеме овие тарифи.“

Изјавите на Бесент дојдоа откако американскиот претседател Доналд Трамп пред неколку дена објави дека ќе воведе „строги“ царини за Русија доколку не се постигне договор за прекин на војната во Украина во рок од 50 дена.

„Ние ги нарекуваме секундарни тарифи“, рече Трамп на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Белата куќа.

,,Тарифи од околу 100 проценти“.

Што се таканаречени секундарни царински давачки?

Секундарните тарифи се казнени мерки што се применуваат на земји или компании кои продолжуваат да тргуваат со земја под санкции – им се наплаќа дополнителен износ за пристап до американскиот пазар или финансиски систем.

На пример, ако трета земја како Кина продолжи да купува руска нафта, нејзиниот извоз во САД би можел да биде оптоварен со дополнителна царина од 100 проценти, што значително би ги зголемило цените за американските потрошувачи и би извршило дополнителен притисок врз кинеските извозници.

Трамп, кој за време на кампањата вети дека ќе постигне мировен договор во рок од 24 часа по преземањето на функцијата, е сè повеќе фрустриран од она што го опишува како руско одложување на мировните преговори.

Американската стратегија има за цел да ги намали руските приходи од извоз на нафта, кои сочинуваат околу една третина од државниот буџет и се клучен извор на финансирање за војната против Украина.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, реагираше на заканата на Трамп на 15 јули, велејќи дека таа е „сериозна“, но дека на Москва ѝ е потребно време да ја анализира пораката на Вашингтон.