Американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека САД би можеле да понудат голема награда за информации за талибанските лидери во Авганистан.
Како што истакна во објава на социјалната мрежа Х, слушнал дека талибанците држат повеќе американски заложници отколку што било објавено.
„Ако ова е вистина, ќе мора итно да понудиме многу голема награда за информации за нив, можеби дури и поголема од она што го понудивме за Бин Ладен“, се вели во објавата.
Државниот секретар не даде дополнителни информации за тоа колку Американци држат талибанците.
Портпаролот на талибанците, пренесува Ројтерс, претходно потврдил дека двајца Американци биле ослободени и разменети за Кан Мухамед, авганистански државјанин, кој во САД е осуден на доживотен затвор и отслужувал казна во Калифорнија за наркотероризам.
Американските медиуми објавија дека двајцата ослободени се Рајан Корбет и Вилијам Мекенти, а дека Џорџ Глезман, поранешен механичар во авиокомпанијата и Махмуд Хабиби, натурализиран Американец, сè уште се заробени во Авганистан.