Останките од човек во кралската гробница во Вергина, поранешната македонска престолнина Ега, не се останките на легендарниот крал Филип II Македонски, како што се веруваше долго време.
Ова го утврди тим археолози, биолози, хемичари и историчари од различни научни институции во Европската Унија и Велика Британија.
Резултатите од анализата на остатоците пронајдени во кралската гробница беа презентирани во студија објавена во „Journal of Archaeological Science“.
Истражувачите ја откриле кралската гробница во Вергина во 1977 година. Таму, тие утврдиле постоење на неколку гробници во кои биле погребани членови на династијата Аргјади, пишува Phys.org.
По многу истражувања и дебати, некои историчари заклучија дека телото на Филип II, македонскиот крал и татко на Александар Велики, било погребано во таканаречената Гробница на Персефона, заедно со телото на Клеопатра, неговата сопруга и нивниот новороден син. Некои шпекулираат дека сите тројца биле убиени од поранешната сопруга на Филип, Олимпија, за нејзиниот син да може да го преземе престолот што е можно поскоро.
Сега, научниците повторно ги испитале останките и користејќи ги најновите техники откриле дека човекот од гробницата имал помеѓу 25 и 35 години во времето на неговата смрт, што значи дека тие дефинитивно не се останките на Филип II, кој имал околу 46 години во времето на неговата смрт. Женските останки не ѝ припаѓале ниту на неговата последна сопруга.
Кои се Филип и Александар?
Филип II Македонски бил крал на Македонија од 359 до 336 година п.н.е. За време на неговото владеење, тој значително ја зајакнал таа земја, спроведел значајни воени реформи и создал моќна македонска фаланга. Тој ги победил Атињаните и многу грчки држави и ја воспоставил доминацијата над Македонија.
Александар III Македонски или Александар Велики владеел од 336 до 323 година п.н.е. Во својата кампања, тој ја освоил Персиската империја, а потоа ги продолжил своите освојувања сè до Индија. Империјата што ја создаде е една од најголемите во историјата, а неговото владеење целосно го трансформираше светот во тоа време. Се смета дека со него започнала хеленистичката ера, која траела до римското освојување на Египет во 30 година п.н.е.
Исто така, беше откриено дека другите коски во гробницата им припаѓале на различни бебиња, дури 6 биле закопани таму. Но, тие останки биле положени во гробницата векови по останките на двајца возрасни.
Идентитетот на луѓето од гробницата останува непознат, но сепак се претпоставува дека се работи за членови на највисоките слоеви на македонското општество.