– Македонската фудбалска репрезентација има мали шанси да се пласира на ЕУРО2024 и да обезбеди втор последователен настап на европските првенства, покажува анализата на компанијата „Gracenote Nielsen“ со седиште во Лондон.
Студијата покажува дека македонскиот национален тим е во група со триесетина репрезентации кои имаат помалку од 40 отсто шанси да обезбедат место на ЕУРО 2024 во квалификациите кои почнуваат оваа недела.
Македонската репрезентација в четврток во Скопје ја пречекува Малта во воведниот натпревар од групата Ц во која се и Англија, Италија и Украина.
Најголеми шанси за пласман на завршниот турнир што идната година ќе се одржи во Германија, според студијата, има Португалија, дури 96 проценти, по што следуваат Хрватска, Шпанија и Швајцарија, секоја од нив по 90 проценти.
Следат Белгија и Данска со по 88 отсто, Холандија (87) и Полска (86).
Србија, Франција, Чешка, Италија, Англија, Унгарија, Шведска, Велс, Словенија, Норвешка, Романија и Босна и Херцеговина се останатите репрезентации за кои се очекува да завршат на едно од првите две места во квалификациските групи и да обезбедат настап на ЕУРО2024.