Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, наводно одбила да биде дел од официјалната фотографија на учесниците на самитот на Берлинскиот процес, што се одржува денес во Тирана, Албанија.
„Таа им се придружи на учесниците дури откако на плоштадот пред ‘Пирамидата‘ почна настапот на фолклорните групи на малцинските заедници во Албанија. На овој начин таа ја следеше истата постапка на првиот човек на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, кога одби да се фотографира на форумот на министрите за надворешни работи на Берлинскиот процес“, наведуваат албанските медиуми.
Додаваат дека причина за нефотографирањето на Ивица Дачиќ било знамето на Косово.
„Околу еден час и 20 минути лидерите на ЕУ и Балканот уживаа во моментите од спектаклот што го приредија фолклорните групи, меѓу кои и на македонската, српската, ромската, грчката заедница. Тие го покажаа соживотот и зачувувањето на нивните традиции во Албанија“, посочуваат медиумите.