Еден од најомилените спортски парови во светот, Ана Ивановиќ и Бастијан Швајнштајгер , решија да стават крај на својот брак по девет години заеднички живот.
Веста ја потврди адвокатот на познатата српска тенисерка, со напомена дека нема да има понатамошни изјави, бидејќи, како што е наведено, „во целиот процес, најважно за Ани е да се грижи за децата“.
Ана и Бастијан се венчаа во јули 2016 година на романтична церемонија во Венеција, која беше внимателно следена од светските медиуми.
Двојката се запознала две години претходно, додека Швајнштајгер сè уште играл за Баерн Минхен, а Ана полека ја завршувала својата извонредна тениска кариера, која официјално ја завршила во декември 2016 година, истата година кога се венчале.
За време на бракот, тие имаа три деца – два сина, Лука и Леон, додека идентитетот на најмладото дете никогаш не беше јавно откриен.
Иако изгледаа хармонично во јавноста, во последните месеци се повеќе се шпекулира за криза во бракот.
Како причина за разводот, правниот застапник на Ана, Кристијан Шерц, ги наведе „непомирливите разлики“, апелирајќи до јавноста да ја почитува приватноста на семејството, особено на децата.
Германскиот БИЛД пишува дека проблемот настанал поради различни животни приоритети – Ана поминувала повеќе време во Србија, каде нејзиното семејство ѝ помага со децата, додека Бастијан често бил на патувања поради обврските како фудбалски коментатор.
Двојката последен пат се појави во јавност заедно во септември минатата година, на „Лејвер купот“ во Берлин, а потоа и на божиќниот пазар, по што објавите на семејството на социјалните мрежи речиси целосно престанаа.
Ситуацијата дополнително ја разгори веста објавена од германските таблоиди во јуни – Швајнштајгер беше виден како се бакнува со својата нова партнерка, идентификувана само како „Силва“, Бугарка која наводно ја запознал преку децата. Двојката е видена заедно на плажа, а исто така била на патувања во Мароко и Мајорка.
Додека Бастијан одмараше во странство, Ана неодамна престојуваше во Лондон по повод Вимблдон, турнир кој е еден од нејзините омилени, а каде што стигна до полуфиналето во 2007 година.