Стабилизирање на цените на примарните производи, натамошно намалување на понудата, но и затегнатите меѓународни финансиски услови кои ќе ја намалат побарувачката треба да придонесат за стабилизирање на стапките на инфлација годинава, вели гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска – Бежоска.
Во интервјуто за „Дојч веле“, гувернерот нагласува дека намалувањето на притисокот од увозните цени, особено на енергијата и храната, ќе биде најважно за домашната инфлација. Ангелловска-Бежоска оценува дека мерките што ги презема Народната банка треба да придонесат за стабилизирање на инфлациските очекувања, како важен фактор што влијае на инфлацијата, а ќе влијае и на дел од индексот на инфлација, кој е почувствителен на промените на побарувачката.
„Врз основа на прогнозите на меѓународните финансиски институции за стабилизирање на цените на примарните производи на светските берзи и очекувањата за развој на макроекономските политики, се предвидува забавување на инфлацијата, која годинава би достигнала 8 до 9 отсто. а на среден рок инфлацијата ќе продолжи да се намалува, спуштајќи се на ниво од 2,4 и 2 отсто во 2024 и 2025 година“, нагласува Ангеловска-Бежоска и додава дека очекувањата се во согласност со прогнозите на меѓународните институции за намалување на глобалната и домашна инфлација годинава.
Во однос на мерките што ги презема Народната банка, гувернерот нагласува дека централната банка почнала да презема повеќе мерки на крајот на 2021 година.
„Начинот и интензитетот на реакциите од Централната банка зависи од природата на инфлацијата, поточно од придонесот на поединечните фактори кои влијаат на неа, од монетарната стратегија и од инструментите со кои располагаат“, вели Ангеловска-Бежоска.
Ризиците од овие проекции, особено во однос на идните движења на цените на енергијата и храната, посочува таа, се сè уште високи, поради неизвесноста во однос на времетраењето на војната во Украина, како и можните штети за понатамошните ефекти од пандемијата. кои се уште се во тек.