Ангелов: Сите авиони денеска ќе продолжат да го гаснат пожарот на планината Серта

Во гаснењето на пожарот на планината Серта во делот на Неготинo учествувале четири хеликоптери, два од нашата армија и еден од полицијата, на кои ќе им се придружи и црногорски хеликоптер. На територијата на Гевгелија над селото Негорци испраќаме два словенечки хеликоптери, додека во општина Ново Село на планината Огражден испраќаме голем турски хеликоптер и српски со пет тони вода , соопшти утрово Стојанче Ангелов.

Тој додаде дека во текот на денот очекува да го стави под контрола големиот пожар кој со денови гори на планината Серта.

„Сите авиони, три на ДМШ и два турски, заедно со хрватскиот, ќе заминат за планината Серта на територијата на општина Штип после селото Драгоево. На сите места каде што ќе оперираат авионите имаме противпожарни единици на терен на кои им се приклучија 100 армиски војници и 30-тина припадници на полицијата“, рече Ангелов.

Тој најави дека денеска се очекува да слета авионот Херкулес од Романија, кој ги носи таканаречените водени бомби од над пет тони. Со него ќе пристигне уште еден авион, кој служи како логистика.

Остануваат уште неколку пожари низ државата, за кои ќе биде потребна воздушна поддршка, во општините Чашка, Долнени, Студеничани, Зелениково, пожар има и под врвот Солунска Глава, како и пожарот кај Радовиш“, рече Ангеллов.