Андоновски: Забранети се 42 нови нелегални веб-страници за онлајн коцкање, затворени се вкупно 268 нелегални интернет-страници

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денес ја потпиша третата наредба со која се забрануваат 42 нови нелегални веб-страници за онлајн коцкање, со што се затвораат вкупно 268 нелегални веб-страници за коцкање.

„И ние не застануваме, ќе продолжиме. Ова е нашето ветување кое станува реалност! Ова е борба против пандемија на организатори на нелегални коцкања кои крадат од нашите граѓани, од најмладите, од ранливите. Затоа, уште еднаш ги повикувам нашите сограѓани да ги повлечат средствата што ги депонирале на ваквите сајтови за коцкање“, напиша министерот Андоновски на Фејсбук.

Тој понатаму додава дека новиот Закон за коцкање ќе се справи и со сè позастапеното рекламирање и лажно претставување на организаторите на коцкање.