Андоновски: Македонија до декември ќе ги исполни условите за „роаминг како дома“ со ЕУ

На „Дигиталниот самит на Западен Балкан 2025 (WBDS25)“ што ќе се одржи на 1 и 2 октомври во Скопје, земјите од Западен Балкан треба да усвојат заедничка декларација со која ќе ја повикаат ЕУ да го забрза процесот на „роаминг како дома“ и нулти трошоци за интернет за нашите граѓани во ЕУ. Пред еден месец, Унијата издаде патоказ што мора да го исполниме како земји за да се приклучиме на оваа област, но потребна е и активност од нејзина страна. Ќе ги завршиме нашите обврски до декември 2025 година и очекувам дека следната година ќе бидам првиот што ќе го потпише договорот за нулти трошоци за роаминг за граѓаните на Македонија, изјави денес министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Според него, Македонија е далеку понапред во однос на исполнувањето на условите.

„Главната цел беше да се измени Законот за електронски комуникации за да се усогласи со клучните регулативи и директиви на ЕУ, што го направивме ова лето. Сè уште има некои подзаконски акти што треба да ги завршиме до крајот на оваа година и со ова ќе ги исполниме условите. Во прогресивна фаза сме, го подготвивме нашиот Акционен план и мислам дека ќе бидеме први во регионот“, нагласи Андоновски.

Како што објасни тој, во принцип, секоја држава од Западен Балкан е одговорна за себе.

„Минатиот пат, кога беа потпишани договорите за роаминг во Западен Балкан, сите земји ги потпишаа истовремено. Овој пат, со оглед на тоа што е поврзано со ЕУ, би било потребно секоја земја да си го направи своето. Планот на ЕУ е за сите земји од Западен Балкан. Ова останува да се дискутира на „Дигиталниот самит на Западен Балкан 2025“ и се надевам дека ќе имаме конкретни одговори по ова прашање, но наша обврска е да бидеме готови до јануари“, рече министерот.