Македонскиот атлетичар Андреас Трајковски не успеа да се пласира во финалето во дисциплината скок во далечина на Европското првенство кое денеска почна во Рим.
Трајковски во квалификациите прескокна 7.73 метри со што се пласираше на 22 место во конкуренција на 29 натпреварувачи.
Нормата за пласман во финалната серија изнесуваше 8 метри или пласман до 12 место од двете квалификациски групи.
Најдобар во квалификациите беше Швајцарецот Симон Ехамер со 8.41 метри што е најдобар резултат во скок во далечина оваа сезона во светски рамки.
Вториот македонски учесник на Европското атлетско првенство, Дарио Ивановски, својот настап во полумаратонската трка ќе го има в недела. Полумаратонот стартува во 9 часот.