Според анкетата на Светската банка, Народната банка е домашна институција којашто ужива најголема доверба во државата. Довербата на граѓаните и на институциите во нашата централна банка е на повисоко ниво и во однос на некои меѓународни институции, посочува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
Таа во разговор за емисијата „Каде се парите“ за веб-порталот „Пари“ додава оти уште поважно е што и покрај последователните кризи во изминатите години, анкетата покажува дека довербата во централната банка во изминатите четири години е дополнително зголемена. Ова, смета таа, е потврда на позитивната оцена на јавноста за мерките и политиките коишто ги презема Народната банка како одговор на шоковите со коишто се соочуваме.
Анкетата, на која се осврнува гувернерката на Народната банка, ја спроведува Групацијата на Светската банка, секои четири години, врз испитаници од различни целни групи во земјава.
Гувернерката, како што соопштуваат денеска од Народната банка, ја истакна важноста на довербата во централната банка од страна на јавноста, бидејќи таа е фактор за задржувањето на независноста на оваа клучна институција во системот, што, пак, е предуслов за задржување на макроекономската стабилност.
„Независноста на централните банки зависи од неколку елементи. Првиот е регулативната рамка, односно колку е силна таа и колку ја заштитува независноста на централната банка од политички и други влијанија. Оцените коишто ги добиваме од ЕУ се високи и укажуваат на високо ниво на правна независност на централната банка. Друг многу важен фактор е кредибилитетот на луѓето, на раководството на централната банка, бидејќи не е доволно само да се има силна регулатива, туку и да може да се спроведува и некогаш да се носат и тешки одлуки, што говори за кредибилитетот на институцијата. Третиот фактор од кој зависи независноста на централната банка е довербата, бидејќи јавноста е најголемиот заштитник на независноста на централните банки. Една централна банка може да се заштити од влијанија, само ако ужива доверба во јавноста“, посочува гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.