Анкета: Граѓаните се задоволни од Владата, СДСМ: Ниедна лажна анкета нема да го покрие срамот на Владата

„Новата Влада на Македонија, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, ужива значителна поддршка од граѓаните. 38,9% од испитаниците се задоволни од работата на Владата во првите пет месеци, додека 31,2% не се задоволни“ – ова го покажува истражувањето на агенцијата Маркет вижн, спроведено од 6 до 15 декември на 1.200 испитаници.

Во однос на насоката во која се движат работите во земјата, 35,6% сметаат дека се движат правилно, а 34,3% имаат спротивно мислење.

Позитивна оценка доби и премиерот Мицкоски, со 40,3% задоволни испитаници. Граѓаните генерално ги поддржуваат мерките на Владата, вклучувајќи го и заемот од Унгарија.

Истражувањето било спроведено со телефонско анкетирање (CAWI метода), со статистичка грешка од 3%.

Од друга страна пак, од СДСМ велат дека ниту една лажна анкета нема да го покрие срамот на Владата на Христијан Мицкоски.

„Ниту една лажна анкета нема да го покрие срамот на Владата на Мицкоски и Панче Тошковски со бегството на Груби.

Косовската граница е решето, отворена за бегање на криминалци и терористи. Тошковски појма нема каде се наоѓа Груби и после сите скандали треба да се поднесе оставка.

На Владата на Мицкоски навистина не ѝ оди добро, она што го ветуваше пред изборите не го испорача, скандали има секојдневно, институциите не функционираат, граѓаните осиромашуваат, цените растат, државата е заглавена и уназадува.

Граѓаните тоа го гледаат секој ден и нарачаните анкети не може да им помогнат на Мицкоски и компанија“, велат од СДСМ.