Антициклон над источна и североисточна Европа е кривец за ладното време кај нас

Граѓаните и тоа како се изненадени оваа година од раното доаѓање на ладното време и поранетиот снег, како и порано започнатата грејна сезона. Токму поради ова од моја страна решив да дадам анализа и информација зошто токму олку рано имаме невообичаено ладно време за почетокот на месец октомври.

Веќе со денови над североисточна и источна Европа е стациониран Антициклон, односно поле со висок воздушен притисок и стабилно и суво време. Токму овој Антициклон условува слободно од север кон нашите предели да се спушта многу ладен воздух кој е невообичаен за почетокот на месец октомври. Кога ладниот воздух ќе пристигне до Средоземјето секундарно доаѓа до формирање на циклонски систем (поле на низок воздушен притисок) . Поради големата влага во овој дел од Европа изминативе денови Балканот беше погоден од обилни снежни врнежи кои освен на планините ги имаше и во дел од местата со помала надморска височина.

Токму овој циклон услови на планините во Црна Гора и Србија локално да наврне и над половина метар снег. Снегот и тоа како создаваше проблеми деновиве во регионот како да сме во среде зима. Овој е многу редок феномен кога ладното време и зимата започнуваат многу порано, но сепак се случувало и многу одамна кога сме имале навистина многу ладни и снежни зими.