Анчелоти: Мојот Бразил ќе игра како Реал Мадрид, но не како годинашниот

Во интервју за „Марка“, новиот тренер на Бразил, Карло Анчелоти, зборуваше за причините за напуштање на Реал, како и за своите планови за новата работа.

„Резултатите не беа онакви какви што очекувавме, а ниту играта не беше добра, па мораше нешто да направиме. Откако бевме елиминирани од Арсенал, решивме дека е најдобро за мене да си заминам“, рече Анчелоти за причините за напуштање на клупата на Реал Мадрид.

И кога го прашаа зошто ја презеде функцијата селектор на Бразил, Анчелоти имаше многу едноставен одговор.

„Лесно е. Бразил е најдобрата репрезентација во светот. Не го велам јас тоа, туку петте ѕвезди на дресот. Мојата задача е да ја освојам шестата титула светски шампион“, рече Анчелоти, а потоа даде јавно ветување пред навивачите на Бразил.

„Мојот Бразил ќе игра како Реал Мадрид, но не како овогодинешниот Реал Мадрид, туку како минатогодишниот Реал Мадрид. Тоа е она што го сакам“, рече Анчелоти.