Амбасадорката на Соединетите Американски Држави (САД) во земјава, Анџела Агелер денес изјави дека таа нема конкретни сознанија за евентуално руско влијание во претстојниот изборен процес, иако, како што кажа, тоа генерално е присутно во регионот, но напомена дека најважно за граѓаните за претстојните избори е добро да се едуцираат за процесот и за кандидатите, кои ќе учествуваат во него.
Анџела Агелер ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање дали има информации за евентуално руско влијание на престојните избори, на настанот на кој заедно со министерот за образование и наука Јетон Шаќири потпишаа меморандумот за спроведување на Фулбрајт програмата за академска размена.
„Не сум свесна за некое експлицитно и специфично влијание, како што кажавте. Јас сум уверена дека тоа е туку, бидејќи генерално го има во регионот, но мислам дека она што е најважно како што се движиме во кон овој изборен период е граѓаните на оваа земја да поставуваат прашања за кандидатите и да ги земат предвид нивните приоритети, кога ќе гласаат. Тоа за мене е најважно и секако да се едуцираат себе си за процесот и за кандидатите, без разлика кој би можел да се меша, тоа е најважната алатка која ја имаат“, истакна Анџела Агелер.