На локалните мислам дека десницата ќе издоминира со овие финансиски инјекции оваа година, но клучното доаѓа на следните парламентарни избори. Ако ДПМНЕ дотогаш ги направи уставните измени, нивниот рејтинг ќе оди надолу. Ако не ги направи и успее да извози, мислам повторно десницата ќе биде доминантна, но ќе биде интересно што ќе се случува во левиот простор. Тука мислам дека ние ќе имаме повеќе пратеници од СДСМ и тоа ќе биде триумф на нашата партија и на нашата генерација, вели Димитар Апасиев за „Фокус“.
Во најновиот број на неделникот „Фокус“ објавуваме интервју со пратеникот и лидер на Левица Димитар Апасиев. Тој вели дека на следните локални избори очекува Левица да освои неколку градоначалници, при што посочува дека најдобро котираат во урбаните центри. На следните парламентарни избори, пак, тој очекува да го заземат приматот како водечка партија во левицата, па дури, ако се создадат услови, да се пресметаат и со ВМРО-ДПМНЕ.
–Ние веќе работиме внатрепартиски на мапирање на ликови што би биле интересни, особено во скопските општини. Мислам дека на овие избори повторно десницата ќе биде во предност, зашто ја има власта. Десницата секогаш кога ќе ја има власта… Тоа е тој избор меѓу змијата и магарето што го викаме. За нас змијата е СДСМ, која е попрефригана, но е опасна и смртоносна, а овие се посилеџии, тие се магаре-тип. И тие кога ќе ги фатат полугите на власта, тераат минимум 2 мандата, тоа е практично емпирија – вели Апасиев.
Тој додава дека Левица статутарно има забрана за предизборно коалицирање и дека единствено опозициска соработка гледа кога партијата ќе се факторизира, а не како џуниор-партнер. Тоа, според него, значи дека додека Левица не ги престигне СДСМ и не го зафати главното место во левицата нема простор за соработка меѓу нив, зашто смета дека така ќе ја изгубат автентичноста.
–Мислам дека времето кога Левица успеваше да капитализира десни гласови е зад нас. Десните гласови во суштина се емотивни гласови и второ – клиентелистички. ДПМНЕ успеа по консолидацијата на локалните избори да почне на широко да вработува наставнички, чистачки, бирократи, бидејќи за првпат по долго време се дочепа до власт. И сите тие разочарани вмровци, видете ги, кои демек инклинираа како самостојно или направија квазипартии, сите си се прибраа во стадото.
Секогаш е тоа така и затоа нашата перцепција е дека ние во тоа трло нема што да бараме. Ние максимумот на десни гласови, односно национални и патриотски гласови, го освоивме и ние нема што таму да бараме. Но, сега се отвора друга пукнатина, која беше непланирана. Тоа е дека ДПМНЕ стануваат поголеми квислинзи од СДСМ! Зошто? Не онаму каде што запреа СДСМ, па тие да продолжат, туку го продлабочија тоа што СДСМ го имаше ставено под тепих.
Речиси во десетици закони, оние министри кои до вчера како опозициски пратеници се чукаа во гради дека нема да изговорат „Северна“, сега самите поднесуваат предлог-закони со кои се брише зборот „македонско“, иако тоа не е согласно Преспанскиот договор. Може да замислите дека СДСМ цели 7 години заборавило или не сакало да смени десетици закони каде што функционира фразата „Република Македонија“, а ДПМНЕ за неколку месеци се обидува тоа да го промени и сѐ да демакедонизира – вели Апасиев.
Според него, отпорот на ВМРО-ДПМНЕ кон уставните измени бил само тактика за да дојдат на власт. Тој смета дека во одреден момент актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ ќе ги истурка уставните измени со помош на ДУИ, бидејќи, како што вели, Христијан Мицкоски нема храброст да оди директно против Западот и да заврши како Никола Груевски. Токму уставните измени, потенцира тој, ќе одредат кога ќе се случи судирот меѓу Левица и ВМРО-ДПМНЕ.
-На локалните мислам дека десницата ќе издоминира со овие финансиски инјекции оваа година, но клучното доаѓа на следните парламентарни избори. Ако ДПМНЕ дотогаш ги направи уставните измени, нивниот рејтинг ќе оди надолу. Ако не ги направи и успее да извози, мислам повторно десницата ќе биде доминантна, но ќе биде интересно што ќе се случува во левиот простор. Тука мислам дека ние ќе имаме повеќе пратеници од СДСМ и тоа ќе биде триумф на нашата партија и на нашата генерација, зашто од деца тој момент го сонуваме – рече Апасиев.
Одговарајќи на прашањето како до толку се заостри реториката меѓу ВМРО и Левица до степен да си разменуваат зборови од типот „џанаци“, „алкохоличар“ и сл., тој вели: „Мислам дека веќе врие крвта меѓу левицата и десницата и тој идеолошки судир веќе почнува да претекува, зашто досега го немало поради таа политичка коректност. Како да ви кажам? Тие сега на говорница божем се плукаат, а во пратенички клуб пијат кафе заедно. Е тоа со Левица го нема и тука имате автентична политика борба. И овие етикети кои си ги лепиме не се случајни…“.