Апелациониот суд му ја намали казната на Бојан Јовановски, во јавноста познат како Боки 13, во случајот „Изнуда“ за четири години, од девет на пет години затвор, потврди за „Слободен печат“ неговиот бранител Владимир Туфегџиќ. Со ова на Јовановски му остануваат уште неколку месеци до издржување на казната.
Како што пренесуваат некои медиуми, ваквата судска одлука е донесена поради здравствената состојба на Јовановски.
Боки 13 во моментов е со условна затворска казна врз основа на медицинска документација обезбедена од медицински одбор. Некои лекари тврдат дека тој е инвалид од прв степен и не може да ја одлежи затворската казна. Судот ги прифати тие медицински наоди и му дозволи да остане на слобода. Во 2023 година Јовановски беше опериран за отстранување на целиот стомак.
Јовановски на крајот на јануари на својот Инстаграм профил објави дека неговото здравје сè уште е загрозено. Поранешниот телевизиски водител не сакаше да ги коментира своите проблеми, па побара приватност.