Апелација му ја укина мерката притвор на обвинет водач на криминална група која се занимавала со продажба на дрога и оружје, иако, додека траела предистрагата тој избегал во Тирана, а подоцна бил фатен и вратен во државата.
Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција појаснуваат дека официјално ја нема примено одлуката на Апелациониот суд Скопје кој според информациите, во текот на вчерашниот ден решавајќи по жалба на мерка притвор на првообвинет во предмет на ова обвинителство донел Решение со кое истиот е пуштен на слобода со понудената гаранција и му се определени мерки на претпазливост.
-Иако обвинителството не ги коментира судските одлуки, особено на Апелациониот суд на кои нема право на жалба, истакнува дека во конкретниот случај мислењето на надлежниот јавен обвинител континуирано беше негативно по однос на замена на мерката притвор.
Имено, обвинетиот кој организатор на повеќечлена криминална група од охридско – струшкиот регион која подолг временски период се занимавала со неовластено набавување и продажба на наркотична дрога и оружје, за време на акцијата што беше спроведена во ноември 2023 година успеа да избега и по него беше распишана национална и меѓународна потерница. Истиот подоцна е фатен на аеродромот во Тирана и е екстрадиран по што истражната постапката за него продолжи, а тој се наоѓаше во притвор кој во неколку наврати е продолжуван од Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје и покрај понудените гараанции за замена на притворот со поблага мерка. Во меѓувреме, додека се очекуваше во понеделник Кривичниот совет да ја продолжи мерката притвор, Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по жалба за претходното продолжување ја прифатил гаранцијата и го пуштил на слобода без притоа да ги земе предвид околностите дека обвинетиот е првообвинет во предметот, дека истиот беше во бегство и е екстрадиран од друга држава со купена карта во еден правец и дека предметот е во судска постапка која е скоро пред завршни зборови.
Обвинителството, кое во овој случај секогаш укажуваше на погоренаведените околности и врз основа на истите даваше негативно мислење за сите обвинети, почитувајќи го слободното судско убедување не реагираше кога во овој предмет обвинет кој е на маргините на хиерархија беше ослободен со гаранција. Останатите обвинети за кои сѐ уште се води судска постапка, како и оние кои признаа вина и имаат пресуди, до правосилноста на пресудите им е определена мерка притвор продолжувана и потврдувана од страна на Апелациониот суд – Скопје, велат од Обвинителството.