Како Асоцијација на приредувачи на игри на среќа (АПИС) во кои членуваат трговските друштва кои организираат игри на среќа во автомат клубови и казина, претставници на Новоматик и Апекс од Република Австрија, побаравме од Собранието на Република Северна Македонија да се обратиме на седницата на Комисијата за европски прашања кога ќе биде разгледуван Предлог на законот за измени и дополнување на законот за игри на среќа и забавни игри. Нашето барање е во согласност со член 122 став од Деловникот за работа Собранието. Наша должност е да ги информираме народните избраници за крајно штетните последици кои неминовно следат доколку законски измени бидат изгласани од Собранието со решенијата кои се дел од предложените законски измени.
Иако постоечкото законско решение е најстрого во регионот, ние генерално не сме против законски измени. АПИС се противи на погрешни, противуставни и популистички мотивирани законски измени, кои ќе предизвикаат хаос со игрите на среќа. Затоа, на 16 ноември 2022 со писмени барања адресирани до Владата и Министерството за финансии побаравме нашите правни тимови да бидат вклучени во процесот на изработка на предложените измени. За жал, и покрај писменото ветување на Министерството за финансии од 19.12.2022 дека после изготвувањето на првичниот драфт на измените ќе ни се овозможи како засегната страна да се вклучиме со свои мислења и коментари, тоа не се случи. Напротив, Владата од необјасниви причини одлучи на предложените измени да им стави Европско знаме, што никогаш претходно не било собраниска пракса, земајќи предвид дека измените предизвикуваат драматични финансиски импликации.
Демократски обичај е како странски инвеститори, претставници на капитал кој доаѓа од земја членка на ЕУ, да бидеме ислушани и нашата експертиза и знаење да биде земено предвид со цел изработка на одржливо законско решение во согласност со највисоките светски стандарди за организирање игри на среќа. Досега како Групација во Република Северна Македонија сме инвестирале 124 милиони евра, имаме тековни инвестиции од дополнителни 30 милиони евра, вработуваме илјадници луѓе. Како општествено одговорни компании донираме во јавното здравство, спортот, културата и постојано учествуваме или сме покровители на хуманитарни акции. Целата економска дејност – игри на среќа годишно приходува 280 милиони евра во буџетот, што е зафаќање од 6 проценти од приходната страна на централниот Буџет предвиден за 2023 година.
Конечно, како Асоцијација на приредувачи на игри на среќа имаме одговорност да ги заштитиме нашите вработени и огромните инвестиции во Северна Македонија кои ја придвижуваат македонската економија напред. Очекуваме од Собранието нашето Барање да биде прифатено.
АСОЦИЈАЦИЈА НА ПРИРЕДУВАЧИ НА ИГРИ НА СРЕЌА