Апсења во Скопје: Падна функционер на ДУИ

Првоосомничениот за случајот со рушењето на заштитениот објект „Хотел Шар Ан“ во Старата скопска чаршија, М.Љ. (42), беше уапсен од страна на полицијата, дознава порталот Курир.

Според нивните информации, апсењето се случило денеска околу 13 часот во хотел во близина на Бит Пазар. Министерството за внатрешни работи го потврди настанот.

 -Полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје денеска го лишиле од слобода М.Љ., кој беше баран по централна потерница издадена со судска наредба за издржување притвор поради сомневање за извршени кривични дела по член 394, член 353 и член 264 од Кривичниот законик – соопштија од МВР.

Кривичните дела за кои се сомничи вклучуваат злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување, како и оштетување или уништување на добра под привремена заштита, културно наследство или природни реткости.

Од истрагата произлегува дека осомничениот, во својство на претседател на Одборот на директори на акционерско друштво за управување со станбен и деловен простор, ја формирал и организирал криминалната група. Според обвинителството, тој знаел дека хотелот „Шар Ан“ е културно наследство и дел од заштитена целина во Старата чаршија, но, наместо да го заштити објектот согласно законските обврски, побарал од членови на групата да извршат негово незаконско рушење и уништување.