Шпанските медиуми утринава ја пренесоа сензационалната вест за интересот на Манчестер Сити за Ламине Јамал, односно за висината на понудата што се подготвени да ја платат на „Етихад“ за шпанското чудо од дете.
Ламине Јамал на 17 години прави чуда на фудбалските терени, а неговите настапи во Барселона се потврда дека одличната игра на Европското првенство во дресот на Шпанија не беше случајност.
Иако младиот фудбалер во неколку наврати изјави дека не планира да ја напушти Барселона, и дека таму сака да се стекне со статус на легенда, понудата за која зборуваат Шпанците утринава, а која пристигнува од Манчестер Сити, би можела да го натера на размислување.
Ако им се верува на шпанските медиуми, Манчестер Сити подготви понуда од 275 милиони евра за Јамал. Тоа би бил апсолутен рекорд во светот на фудбалот.
Шпанскиот „Фихајес“ пренесува дека се заинтересирани за Јамал на „Етихад“ и дека го гледаат како проект за следната деценија и повеќе. За неговите услуги се заинтересирани уште неколку клубови, но нивните финансиски можности не се ни блиску до оние на Манчестер Сити.
Иако ниту Барселона нема намера да го продаде, финансиските проблеми во последните години би можеле да бидат заборавени во случај на продажба на Јамал за 275 милиони евра. Ова би решило многу прашања на Камп Ноу и клубот не би бил во ситуација да не може да регистрира играчи како Дани Олмо оваа сезона.
Инаку, најголемиот трансфер во историјата на фудбалот е тој на Нејмар од Барселона во Пари Сен Жермен за 222 милиони евра. Следат Килијан Мбапе (Монако – ПСЖ) за 180 милиони евра и Филипе Кутињо (Ливерпул – Барселона) за 135 милиони евра. Јамал далеку би ги надминал сите во случај на продажба.