Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, во куса изјава за МИА потврди дека партиите од албанската опозиција му предложиле тој да биде нивен кандидат за претседател на претстојните избори, но истакна дека тој не е заинтересиран.
„Албанската опозиција има разговарано со мене јас да бидам претседателски кандидат, но јас не сум заинтересиран“, вели Арбен Таравари.
Претседателот на Движењето БЕСА и градоначалник на Општина Тетово, Билал Касами во синоќешното гостување во емисија на „Радио Телевизија Косово“ нагласи дека е разговарано со претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, тој да биде претседателски кандидат.
„Да, разговарано е со Арбен Таравари да биде претседателски кандидат и се гледа како соодветен албански кандидат на овие избори“, потенцираше Билал Касами.
Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари во објава на социјалната мрежа Фејсбук демантираше дека имал средба во ВМРО-ДПМНЕ посочувајќи на општествената одговорност на медиумите.
„Информациите објавени вчера во националните медиуми за паркиран автомобил кај штабот на ВМРО се обид да се оцрни мојот имиџ. Никогаш не сум одржувал и не одржувам тајни состаноци бидејќи политиката ја сметам за јавно добро, затоа сметам дека средбите треба да бидат јавни. Овој факт на дезинформација ме натера да се чувствувам лошо за нивото на новинарство кое денес повеќе од кога било е повеќе сензационално отколку професионално. Општествената одговорност на медиумите како четврта сила е многу висока, затоа заедно со професионална комуникација се трудиме да придонесеме за општеството во кое живееме“, напиша Арбен Таравари.