Претседателот на Алијанса за Албанците и актуелен градоначаланик на Гостивар, Арбен Таравари, кој пред два дена ја објави својата кандидатура за претседателските избори, за EuroNews Albania изјавил дека оваа иницијатива ја споделиле со премиерот на Албанија, Еди Рама и со премиерот на Косово, Албин Курти, но немало никакво инсистирање од нив.
„Разговаравме со Курти и Рама на заедничка средба, но тоа не беше нивно инсистирање. Бевме убедени дека со кандидатура на Албанец постои реална можност албанскиот кандидат да оди во вториот круг и да ја покаже вредноста на Албанците во Северна Македонија. Немаше ниту инсистирање, ниту поддршка, ниту од Курти, ниту од Рама, туку разговаравме со нив“, изјавил Арбен Таравари.
Додал дека одлуката за кандидирање е донесена откако неколку анкети покажале дека Албанците првпат имаат можност да влезат во вториот круг на претседателските избори.
„Направивме некои анкети и мерења на јавното мислење и врз основа на нив излегува дека Албанците првпат можат да влезат во втор круг на претседателски избори, па врз основа на нив испадна дека вреди да се натпреваруваме и да испишеме историја во Република Северна Македонија“, рекол Арбен Таравари.