Арбер Адеми во работна посета на Шведска

– Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Арбер Адеми, како дел од официјалната делегација на Република Северна Македонија, денеска оствари работна посета на Кралството Шведска.

Како што соопшти собраниската прес-служба, во составот на делегацијата беа министерот за надворешни работи Бујар Османи и директорот за ЕУ во МНР, Џенк Сејфула. Делегацијата беше придружувана од  амбасадорката на Република Северна Македонија во Кралството Шведска, Мира Крајачиќ.

Во рамки на посетата, членовите на делегацијата остварија посебни работни средби со спикерот на Риксдагот на Кралството Шведска, Андреас Норлен, со министерот за надворешни работи на Кралството Шведска, Тобиас Билстром и со генералната директорка на Шведската развојна агенција (СИДА), Карин Јемин и шефицата на Одделот за Европа и Јужна Америка на СИДА, Лиса Фредриксон.

-Во фокус на разговорите беше евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, кој доби нова динамика со почетокот на пристапните преговори. Во овој контекст, членовите на нашата делегација се заблагодарија за активностите и улогата на Шведска од позиција на претседавач со Советот на ЕУ, истакнувајќи дека Шведска е една од нашите најголеми партнери која ѝ дава јасна поддршка за европските интеграции на Северна Македонија. Притоа, беше изразена надеж за завршување на скринингот до крајот на оваа година и за успешен тек на преговорите на Северна Македонија за полноправно членство во ЕУ, како и за надминување на пречките, по повеќе години чекање земјата да премине во оваа последна фаза од процесот на интеграција во ЕУ, се наведува во соопштението.

На средбите се разговарало и за моменталната политичка ситуација во Република Северна Македонија, како и за тековната работа на Собранието. Исто така, станало збор и за предизвиците со кои се соочува нашата држава во однос на евроинтеграциите, при што било истакнато дека Кралството Шведска секогаш ја потенцира потребата за што поскоро приклучување на Република Северна Македонија во Европската Унија.

-Соговорниците дискутираа и за важноста на регионалната стабилност и безбедност, согласувајќи се дека воениот конфликт во Украина ја промени геополитичката состојба и во ваква ситуација повеќе од потребно е да се сочува мирот, како неприкосновена вредност, се истакнува во соопштението.

На средбите било потенцирано дека Република Северна Македонија и Кралството Шведска имаат одлична билатерална соработка и дека Собранието на Република Северна Македонија и шведскиот Риксдаг имаат плодна соработка на сите нивоа, со можност во иднина да се зголеми интензитетот на остварени средби.