Карикатурата изработена од Арменд Ајредини од Северна Македонија го освои второто место на регионалниот конкурс за карикатури организиран од Министерството за надворешни работи на Холандија и организацијата Картун мувмент. Првата награда му беше доделена на Душан Перишиќ, карикатурист од Србија, соопштија денеска од Амбасадата на Холандија во Република Северна Македонија.
Амбасадорот Дирк Јан Коп, се наведува во соопштението, ги објавил победниците и ја отворил изложбата од избрани дела која ќе биде претставена во сите шест главни града на државите од Западен Балкан.
По повод Меѓународниот ден на слободата на медиумите Министерството го објавило конкурсот на кој се пријавиле 95 уметника со вкупно 186 дела.
– Независното жири составено од експерти од сите шест држави избра 44 карикатури кои ќе бидат изложени во Ист Гејт Мол во Скопје до крајот на месецот, се додава во соопштението.