Војници на Националната гарда на САД се појавија на улиците на Вашингтон, еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп распореди војници во градот и ја презеде контролата врз полициските сили по тврдењата дека насилството и криминалот излегле од контрола.
Оклопни возила беа видени на улиците уште во вторник навечер во урбаните и туристичките места низ американскиот главен град. Официјалните лица изјавија дека се очекува да бидат распоредени 800 војници на Националната гарда и 500 федерални полицајци.
Градоначалничката на Вашингтон, Мјуриел Баузер, негираше дека криминалот е надвор од контрола во нејзиниот град и го опиша распоредувањето на трупите како „авторитарен притисок“.
Трамп се закани со слични распоредувања во Њујорк и Чикаго, два други града под контрола на демократите.
Војниците беа видени како поставуваат барикади пред неколку владини згради и се фотографираат со туристи.
„Ова е само почеток“
Федералните агенти уапсија 23 лица во понеделник вечерта, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.
Таа рече дека апсењата се извршени за убиство, прекршоци со оружје, трговија со дрога, непристојни дела, демнење, несовесно возење и други кривични дела.
„Ова е само почеток. Во текот на следниот месец, администрацијата на Трамп немилосрдно ќе гони и апси секој насилен криминалец во округот кој го крши законот, ја поткопува јавната безбедност и ги загрозува Американците кои ги почитуваат законите“, рече таа.
Но, во градското собрание во вторник вечерта, градоначалничката на тој град ги заостри критиките кон Трамп.
Баузер ги повика членовите на заедницата да „го заштитат нашиот град, да ја заштитат нашата автономија, да го заштитат нашето домашно владеење и да ја надминат другата страна и да се погрижат да избереме демократски Претставнички дом за да имаме заштита од овој авторитарен притисок“, според „Њујорк тајмс“.
Кога станува збор за податоците, тие покажуваат дека стапката на убиства во главниот град е повисока од просекот во споредба со другите поголеми американски градови.
Според полициските информации, насилниот криминал достигна врв во 2023 година, а минатата година се намали за 35 проценти на најниско ниво во последните три децении.