Водечкиот тим во англискиот фудбалски шампионат, Арсенал, не искористи пенал и освои само бод во натпреварот од 31. коло на Премиер Лигата играјќи 2:2 на гостувањето кај Вест Хем Јунајтед.
Средбата на „Олимпискиот стадион“ во Лондон започна одлично за „Топчиите“ кои по првите 10 минути имаа водство од 2-0 со головите на Габриел Жесус (7′) и Едегард (10′).
Домашните се вратија во игра откако Бенрахма искористи пенал по прекршокот на Габриел врз Пакета , па клучните моменти од играта се одиграа од 52. до 54. минута. Најпрво Сака промаши пенал за Арсенал, а во следната акција на домашните Бовен (54′) го казни тоа промашување со гол за конечни 2:2.
Лидерот Арсенал сега има 74 бода, четири повеќе со натпревар помалку од второпласираниот Манчестер Сити, додека Вест Хем останува 15-ти со 31 бод.