Никој не внимава дали во делот на водоводот, канализацијата и на сето она што е неопходно за граѓаните да имаат квалитетен живот, се запазени сите стандарди и затоа се соочуваме со вакви состојби каде што високите зони немаат доволно притисок, па дури и граѓаните во центарот на градот се жалат дека над вториот кат веќе немаат доволно вода, истакнува градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска во интервју за МИА, говорејќи за градежната експанзија во главниот град.
Таа додаде дека доколку се водело сметка во текот на процесот на давањето на градежните дозволи и на начинот на којшто се урбанизирал градот, ова немало да се појави како предизвик.
Според неа, стручната јавност треба да биде што е можно повеќе вклучена во сите процеси и Генералниот урбанистички план да биде квалитетно изготвен, а сите засегнати страни, пред се и граѓаните, да имаат уделво изготвувањето на еден стратешки документ со кој ќе се развива градот во наредните 10 години.
Арсовска информираше дека проектот за мостот од Аеродром до Ќерамидница е завршен, меѓутоа за да може квалитетно да се поврзе булеварот „АСНОМ“ имало 275 експропријации на недвижен имот и на објекти, од кои околу 180 се веќе разрешени и работите се движат кон финална реализација на овој проект.
– Можеби една од најважните работи за коишто говоревме во изминатата година е тоа дека не треба да се отпочнува со проект доколку ги немате сите параметри, доколку го немате добро испланирано, доколку не се обезбедени сите неопходни предуслови за истиот да може да биде отпочнат и завршен брзо, ефикасно и функционално, посочи таа.
Арсовска посочи дека и работата на булеварот „Борис Трајковски“, исто така, има „оспорена динамика“ поради слични причини. Според неа, проектите треба да бидат добро планирани и сите постапки да бидат завршени пред да се отпочне со градежните активности, за да се обебзеди нивно ефикасно спроведување во рокот во којшто биле планирани да се изведат.
– Мислам дека квалитетно се справуваме со нив, изнајдовме бројни решенија, разрешивме голем број на овие прашања коишто треба да се разрешат, меѓутоа во секој еден случај ги трпиме критиките за нешто за коешто немаме вина и тоа никогаш не е едноставно, рече Арсовска.
Во однос на булеварот „Теодосиј Гологанов“, градоначалничката информираше дека таму реконструкцијата не опфаќа само обнова на коловозна асфалтна маса, туку и на пешачките и велосипедските патеки и на осветлувањето, како и поставување целосно нова атмосферска мрежа којашто, како што посочи, досега не постоела.
Арсовска истакна дека има доста проблеми и во однос на фекалната и атмосферската канализација во дел од населбата Гази Баба и дека е отпочната постапка на санирање во соработка со Општина Чаир.
За проектот на булеварот „Цветан Димов“, таа рече дека тој е во својата финална фаза и дека очекува во најкраток можен рок да се финализираат дел од активностите што треба да бидат реализирани од страна на Општина Чаир и потоа ќе се промовира проектот, за којшто таа изрази надеж дека следниот месец ќе се најде и пред советниците на Градот Скопје.
– Тоа урбано дивеење не е нешто ново, тоа се случувало неколку децении наназад, затоа сме тука каде што сме, подвлече Арсовска.