Артета потроши повеќе од 150 милиони евра за потпишување играчи од лутиот ривал на Арсенал

Откако го презеде Арсенал, Микел Артета потроши повеќе од 150 милиони евра за доведување играчи на Челзи.

Последен во редот е десното крило Нони Мадуеке, кој, според британските медиуми, наскоро официјално ќе стане нов член на „топџиите“.

Мадуеке пристигна во Челзи пред две години од ПСВ Ајндховен, а се шпекулира дека трансферот во Арсенал ќе изнесува околу 60 милиони евра.

Артета очигледно нема проблем да доведе играчи од редовите на својот лут градски ривал, па затоа и претходно потрошил сериозни пари за засилувања од Челзи.

Најскапото засилување беше Германецот Каи Хаверц, кој чинеше 75 милиони евра. Доаѓањето на Италијанецот Жоржињо го чинеше 14 милиони евра, а на Шпанецот Кепа Аризабалага 6 милиони евра.

Вреди да се напомене дека Арсенал го доведе и Рахим Стерлинг на позајмица од Челзи.

Да потсетиме, Артета стана тренер на Арсенал во декември 2019 година, а потпиша договор со клубот до летото 2027 година.