Јурај Цинтула, кој со истрел од пиштол се обиде да го убие словачкиот премиер Роберт Фицо, од безбедносни причини е префрлен во психијатриското одделение во затворската болница.
Словачкиот министер за одбрана Роберт Калињак наведува дека Цинтула (71) е префрлен бидејќи постои можност за интензивен надзор во психијатриското одделение.
– Одлуката за префрлање на Цинтула во психијатриско одделение е донесена за тој да не си нанесе повреди или да добие повреди кои приврзаниците на премиерот би можеле да ги сфатат како одмазда – рече Калињак.
Словачките медиуми претходно објавија дека Цинтула, кој е поет, е под деноноќен надзор и дека неговото префрлање во медицинска установа може да биде направено за превентивни цели.
Атентатот на Фицо, кој постојано зборуваше против испораката на оружје за Украина и нејзиното членство во НАТО, се случи на 15 мај. Напаѓачот од непосредна близина испукал пет куршуми кон словачкиот премиер. Полицијата тогаш соопшти дека напаѓачот бил мотивиран од политички мотиви и не се согласува со дејствијата на владата – вклучително и противењето на прекинот на испораката на оружје за Украина.
На Цинтула му се заканува казна од 25 години до доживотен затвор.
Полицијата првично соопшти дека напаѓачот дејствувал сам, но истражителите во моментов ја проверуваат теоријата дека можеби имал соучесници.