– Српската полиција идентификувала двајца моќни претставници на државата кои му помагале на наркобосот Дарко Шариќ, а тоа се поранешниот министер за полиција Небојша Стефановиќ, еден од челните луѓе на БИА, Марко Парезановиќ, и моќниот шеф под кодно име „Оскар“, пишува невладината мрежа за истрага на криминал и корупција (КРИК), по увидот во кривичната пријава поднесена од полицијата на 15 април 2022 година до Обвинителството за организиран криминал, кое не повело постапка.
– Членовите на кланот на Шариќ, што се дозна од Скај пораките, собрале голем број влијателни луѓе кои имале задача да смислат план за притисок врз судијата Лукиќ. Овие моќници кои им помагале, меѓу кои имало и значајни функционери, криминалците ги нарекуваа со шифрирани прекари, изјави Стеван Дојчиновиќ, главен уредник на КРИК и додаде дека преку претседателот на Апелациониот суд Душко Миленковиќ се обиделе да извршат притисок врз Лукиќ, во што не успеале.
Според истрагата, кажа Дојчиновиќ, Стефановиќ му доделил на Шариќ двајца негови соработници од полицијата да му помагаат на кланот, но и тој лично доставувал доверливи информации на оваа група.
– Од групата на Шариќ добил часовник вреден 17.000 евра, откриено е од Sкај пораките кои криминалците ги разменувале. Парезановиќ, наводно, бил врската на криминалците до моќниот функционер под прекар „Оскар“, но тој негирал за КРИК дека пружал услуги за кланот на Шариќ. Освен нив, на Шариќ му помогнал и моќен човек кого криминалците го нарекувале Никола П., а кого ниту полицијата ниту обвинителството не го идентификувале, изјави уредникот на КРИК.
Во реакцијата на опозициската Партијата на слободата и правдата (ССП) се наведува дека лицето со кодно име „Оскар“ од кого групата добивала наредби е претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
– Александар Вучиќ е човек кој го прашуваат за се во Србија. Без него не се носи ниту една одлука. И апсолутно е јасно дека целата машинерија, која му помагаше на кланот на Дарко Шариќ, која го поддржуваше и кланот на Вељко Беливук, не можеше да дејствува без одлуката на Вучиќ, соопшти ССП.
Поранешниот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ денеска ги отфрли наводите на порталот Крик, со оценка дека во тој текст нема докази за тврдењата за неговата поврзаност со криминалниот клан на Шариќ.
– Тие дури го обвинуваат и претседателот на Републиката дека самиот извршил тешко кривично дело. Во ниту една земја во светот ваквата лага и ароганција не може да помине без последици, изјави поранешниот министер за полиција.
Наркобосот Шариќ преку својот адвокат Далибор Катанчевиќ негираше дека „Скај“ пораките цитирани во полициските документи се негови и тврди дека никогаш не поседувал телефон со „Скај“ апликација, пишува КРИК.