Воената хунта која изврши државен удар во Нигер на крајот од месец јули објави дека ја формирала својата Влада во четвртокот вечерта, кога членовите на западноафриканските земји се обидуваат да го вратат избраниот претседател на власт на итен состанок по пат на дипломатија, но тие се не исклучуваат и можноста за употребата на сила односно воена интервенција.
Воениот режим што го собори демократски избраниот претседател Мохамед Базум на 26. јули формираше Влада по наредба на генералот Абдурахман Тиани, објави државната телевизија.
Со назначувањето на Влада од 20 министри што ќе ја предводи премиерот Али Махаман Ламине Зеин, воениот режим се чини дека испраќа порака до лидерите на Економската заедница на западноафриканските држави (ЕКОВАС), кои разговараат што да прават во врска со ситуацијата во Нигер денес во Абуџа.
На состанокот се очекува да бидат донесени „важни одлуки“, објави ЕКОВАС, која се залага за дипломатско решение за враќање на уставниот поредок, но не ја исклучува воената интервенција како последна мерка за враќање на претседателот на власт.
Воениот режим во Нијамеј смета дека ЕКОВАС е организација која дејствува под диктат на Франција, поранешна колонијална сила кон која Армијата на Нигер е особено критична откако го изврши државниот удар, пишува медиумската агенција AFP.
Во средата воениот режим ја обвини Франција за нарушување на воздушниот простор на Нигер и „ослободување терористи“. Официјален Париз ги отфрли ваквите обвинувања.
Секоја ескалација се заканува дополнително да го дестабилизира регионот Сахел, еден од најсиромашните во светот, кој беше изложен на долг бунт од исламистичките групи кои раселеа милиони жители и му се заканија на регионот со глад.
Државниот удар беше изведен поради внатрешни конфликти, но ги премина границите и во неговото решение, покрај ЕКОВАС, во обидот да се изврши притисок врз хунтата да се повлече од власт се вклучија и западните земји и организации како ООН.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изрази загриженост за претседателот Мохамед Базум и неговото семејство по веста дека се затворени во резиденција без струја или вода и дека им снемува храна.
„Генералниот секретар Антонио Гутереш го повторува својот повик за безусловно ослободување и враќање на власт на претседателот на државата“, изјави во средата портпаролот на Антонио Гутереш.
Воените Влади кои се на сила во соседството на Нигер, во државите Мали и Буркина Фасо, напротив, ветија дека ќе ја бранат воената власт.
Во последниве години, Нигер се смета за пример за релативна стабилност, додека неговите соседи Мали и Буркина Фасо им подлегнаа на воените удари.