Лабораториските резултати од испитаната храна земена од централниот магацин на „Ванила Фуд” што се наоѓа во ОУ „Димо Хаџи Димов” се со уреден наод, исто како и мострите од четирите кујни во основните училишта каде се приготвува храна. Тие се во согласност со Правилникот за посебни барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храната, односно, кај нив не е утврдено присуство на бактеријата салмонела, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
АХВ информира дека ги добила резултатите од земените мостри храна и суровини за подготовка на храна, од сите училишни кујни во општина Карпош каде се подготвува храна, каде беа пријавени случаи на сомнежи на труење и каде беше спроведен вонреден инспекциски надзор.
-Во две од училишните кујни со кои стопанисува овој оператор со храна земени се мостри само од работните површини за кои резултатите се уште не се добиени, бидејќи при надзорот, не е затекната подготвена храна. Најдени се само производи и суровини за подготовка на храна доставени од централниот магацин, од каде претходно веќе биле земени мостри, за кои лабораториските наоди потврдија отсуство на Салмонела, односно, истите се во согласност со Правилникот за посебни барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храната, наведува АХВ.
Претходно и Државниот здравствен и санитарен инспекторат излезе со информација дека се негативни резултатите по појавата на салмонела кај ученици од дел во основните училишта во Карпош.
Откако беа пријавени 12 случаи на ученици заразени со салмонела, беше извршен инспекциски надзор од страна на Државниот здравствен здравствен и санитарен инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство, Центар за јавно здравје и Институт за јавно здравје Скопје. Беа земени мостри храна за анализа и брисеви од работни површини и средината. Од страна на Инспекторатот, сите кујни во основните училишта, беа затворени.