Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, денес престојуваше во Тирана каде што, пред почетокот на националниот протест „Правда за ослободителите“, беше пречекан на топла и братска средба од претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.
Во соопштението објавено по средбата, Ахмети нагласи дека разговорот со претседателот Бегај се фокусирал на актуелните случувања во регионот, евроатлантските процеси и улогата што ја играат Албанија и Северна Македонија во одржувањето на мирот, стабилноста и меѓусоседската соработка.
„Му честитав на претседателот Бегај за напредокот на Албанија на патот кон европска интеграција, нагласувајќи дека е од витално значење Северна Македонија да оди рамо до рамо со Албанија во овој процес“, изјави Ахмети, додавајќи дека „патот до Брисел е национално стратешко патување кое ги зајакнува мирот, развојот и регионалната соработка“.
Според него, двете земји треба да одат рамо до рамо кон заедничка европска иднина, како дел од споделената визија за регионална стабилност и просперитет. На средбата, како што известува Ахмети, се нагласи и важноста од зајакнување на стабилноста во регионот, забрзување на интеграцијата во Европската Унија и отстранување на границите што ги делат браќата од иста крв.
„Во обединета Европа, овие граници мора да се трансформираат во мостови што ги обединуваат народите“, нагласи лидерот на ДУИ.