Бабата на шкотскиот премиер од Газа: „Ова е моето последно видео“

 – Премиерот на Шкотска, Хумза Јусаф, денес сподели потресно видео од неговата баба, Елизабет Ел-Накла, мајката на неговата сопруга, која беше во посета на Газа заедно со нејзиниот сопруг кога започна судирот меѓу Хамас и Израел.

„Ова е моето последно видео. Сите во Газа се движат кон местото каде што сме. Еден милион луѓе, без храна, без вода и сè уште [израелските сили] ги бомбардираат додека заминуваат“, раскажа Ел-Накла плачејќи.

„Каде ќе ги сместиме? Но, мојата мисла е, сите овие луѓе од болниците не можат да се евакуираат.“

„Каде е човештвото, каде се срцата на луѓето во светот што дозволуваат ова да се случува на овој датум и во ова време. Господ да ни е на помош, збогум“, рече Елизабет Ел-Накла во видеопораката.

Во драматична ескалација на тензиите на Блискиот Исток, израелските сили започнаа непрекината воена кампања против Појасот Газа, како одговор на воената офанзива на палестинската група Хамас на израелските територии.

Конфликтот започна изминатата сабота кога Хамас ја започна операцијата „Поплава Ал Акса“ против Израел, ненадеен напад од повеќе страни, со лансирање ракети и инфилтрација во Израел преку копно, море и воздух.

Хамас соопшти дека операцијата е одмазда за упадот во џамијата „Ал Акса“ во окупираниот Источен Кудс (Ерусалим) и зголеменото насилство на еврејските доселеници врз Палестинците.

Потоа израелската војска ја започна операцијата „Железни мечеви“ против позиции на Хамас во Појасот Газа.

Одговорот на Израел се прошири со прекин на снабдувањето со вода и електрична енергија за Газа, дополнително влошувајќи ги условите за живот во областа што е под опсада од 2007 година.