Директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски, своето присуство на конференцијата „Предизвиците на безбедноста и сигурноста на храната во југоисточна Европа”, која изминатите два дена се одржа во Подгорица, Република Црна Гора, денеска го искористи за билатерална средба со својот колега, директорот на црногорската Управа за безбедност на храна, ветеринарни и фитосанитарни работи, Владимир Ѓаковиќ.
На средбата, како што соопшти АХВ, се дискутираше за актуелни прашања од областа на безбедноста на храната и состојбата со здравјето на животните во двете земји, а разменети беа искуства и добри пракси во областите кои се во надлежност на двете институции. Тема на состанокот беа и потенцијалните заеднички активности кои од двете институции ќе бидат спроведувани во наредниот период.
За време на средбата се финализираше и текстот на нацрт-меморандумот за соработка во областа на безбедноста на храната и ветеринарната политика кој треба да го потпишат двете институции.
-Со потпишувањето на овој документ ќе се зајакнат трговските односи меѓу двете земји во однос на трговијата со производи од животинско и неживотинско потекло и со живи животни, и ќе се подобри комуникацијата на двата надлежни органи во однос на заштитат на населението на двете земји од алиментарни заболувања и измами поврзани со храната, наведува АХВ.
Меморандумот за соработка ќе се потпише по дефинирање на техничките и административните прашања во двете земји.