Германскиот фудбалски волшебник Флоријан Вирц (21), играч од средниот ред на Баер Леверкузен, е најбараниот фудбалер во светот во последните неколку преодни рокови, но сè уште чека да го напушти Аптекарот и да потпише за еден од најголемите клубови во светот.
Долго време, Реал Мадрид и Манчестер Сити се споменуваа како први фаворити за неговиот потпис ова лето, но угледниот „Л’екип“ објави дека Баерн е подготвен да направи сè за да им ги замрси сметките на Кралскиот клуб и на „Граѓаните“ и да им го одземе Вирц.
Имено, Баерн подготви пакет од 250 милиони евра за да го обезбеди брзото доаѓање на Вирц, а потоа ќе играат на картата на патриотизам и ќе се обидат да го задржат Вирц во Германија, за која веќе има 29 настапи иако има само 21 година.
Половина од споменатиот „пакет“ од 250 милиони евра е планирана како отштета што Баерн ќе му ја понуди на главниот ривал во борбата за титулата и сè уште актуелен шампион на Германија, додека преостанатите 125 милиони евра би отишле кај Вирц за потпишување на петгодишен договор.
Ова води до заклучок дека Баерн сака да му понуди на Вирц петгодишен договор вреден 25 милиони евра по сезона, колку што би заработил во Минхен.
„Ули Хенес и Карл Хајнц Румениге работат од сенка и го направија трансферот на Флоријан Вирц лична работа. Со неговото доведување, двајцата сакаат да се збогуваат со клубот на голем начин, пред дефинитивно да се пензионираат и да почнат да уживаат во својата пензија“, се вели во текстот на „Л’екип“.
Друг важен факт е дека Коман, Ким, Боеј, Гнабри, Горецка и Гереиро треба да го напуштат клубот до јануари, и на тој начин Баерн би ги обезбедил парите за финансирање на доаѓањето на Вирц во трансферот на векот.
Со таков трансфер на Вирц, Баерн би го срушил рекордот за дојдовни трансфери, кој го држи Хари Кејн. Англичанецот беше платен за 95 милиони евра од Баварците пред две години, кога го доведоа од Тотенхем Хотспур.