Барањето на Трамп за зголемување на издвојувањето за НАТО на 5 отсто од БДП разгори дебата во Германија

– Барањето на новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, членките на НАТО да го зголемат издвојувањето за одбраната од минималната цел од 2 отсто на 5 отсто, поттикна дебата во Германија, објави денес „Еуроњуз“.

Германија смета дека тој процент е премногу висок.

Мари-Агнес Штрак-Зимерман, поранешна претседателка на Одборот за одбрана од Партијата на слободни демократи (ФДП), рече дека Трамп не треба „тукутака да кажува бројка од глава“, објави „Еуроњуз“. „Тука не сме на пазар.“

Фридрих Мерц, лидер на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), главната опозициска партија, рече дека одредената цел е „ирелевантна“, предлагајќи дека земјата треба „да го направи тоа што е неопходно за да се одбрани“, се додава.

Маркус Фабер, претседател на Одборот за одбрана на Партијата на слободни демократи (ФДП), рече дека целта од 3 отсто се чини пореална наместо 5 отсто, иако 32 земји членки на НАТО треба да се договорат, објави „Блумберг“.

Сахра Вагенкнехт, лидерка на Алијансата Сахра Вагенкнехт, повика на промена на надворешната политика кон САД, ставајќи крај на зависноста од таа земја и приоритет на независноста на Германија наместо послушност, истовремено постигнувајќи значителен напредок во односите со Франција.

Пред изјавите на Трамп, канцеларот Олаф Шолц вчера го отфрли зголемувањето на издвојувањата за одбрана за речиси двојно – предлог на вицеканцеларот Роберт Хабек, кандидат на федералните избори што ќе се одржат на 23 февруари.

Како што објави списанието „Стерн“, зголемувањето на издвојувањето за одбраната Шолц го нарече „половична“ идеја.

„Кој ќе ја плати сметката? Граѓаните“, праша Шолц.