Од сите општини во државата, во 68 општини се нуди некоја од формите за предучилишно згрижување, воспитание и образование.
Општина Аеродорм предничи на листата на општини на територијата на Град Скопје, каде што е најголем бројот на деца кои чекаат за упис во некоја од градинките.
Покрај Аеродром, проблемот е особено изразен и во Ѓорче Петров, Кисела Вода, Гази Баба, Карпош и Сарај.
Надвор од Скопје, листите на чекање за упис се најдолги во Битола, Куманово, Струга, Охрид и Гостивар – велат од Министерството за социјална политика, демографија и млади за Радио Слободна Европа.
Токму до оваа институција е адресиран предлогот за државни субвенции на Асоцијацијата „Полет“ која брои 20 приватни градинки, каде месечната сума што ја плаќаат родителите се движи од 18.000 до 24.000 денари. Овие градинки во моментот згрижуваат нешто повеќе од 1200 дечиња, чиј престој таму, според предлогот, уште во старт би бил субвенциониран.
Приватните градинки обединети во Асоцијацијата „Полет“ предлагаат државата со по 250 евра месечно да го субвенционира престојот на деца, кои тие ги згрижуваат. Овој износ е помал од државните субвенции што ги добиваат јавните градинки, кои кубурат и со места и со кадри. Реализацијата на овој предлог, би чинела 3.780.000 евра за згрижување на нешто повеќе од 1200 дечиња.