Роберт Бариќ, воено-политички аналитичар и професор на Факултетот за политички науки во Загреб, објаснува што моментално се случува на фронтот во Украина и каква улога ќе имаат авионите F-16.
„Се чини дека тврдењето на Украинците дека не биле избркани од самиот град е точно. Но Бахмут сега е ирелевантен. Тоа е куп урнатини, што нема да им донесе ништо на Русите. Она што е важно е што се случува на север и јужно од Бахмут во последните три недели, односно постепено унапредување на Украина“, објаснил Роберт Бариќ.
„Ако сега се упатат кон Красна Гора, тогаш им се отвора можност кон Соледар. Можат да напредуваат и на југ, а потоа Русите ќе бидат во ситуација да не знаат што да прават“, тврди Роберт Бариќ.
Тој додал дека американските проценки велат дека за секој Украинец биле убиени пет Руси. „Колку и да звучи страшно, тоа е поволен однос за украинската страна“, вели тој.
„Евгениј Пригожин мора да ги повлече единиците на Вагнер од Бахмут. Тие се исцрпени. Русите сега ќе мора да испратат регуларна армија или некои други, помали, платенички единици на нивните позиции. Евгениј Пригожин ќе преживее, иако треба да ја смири реториката“, предвидува тој.
Тој кажал и дека знае дека Русите не се глупави, но примерот на Бахмут јасно покажува дека политичките одлуки ги „надминуваат воените одлуки“. Затоа не очекува Русите, што и да се случи, толку брзо да се повлечат од Бахмут.
Воениот аналитичар ја коментираше и ситуацијата во Белгород. Имено, во понеделникот група војници кои се претставуваат како руска опозиција го нападнаа округот Граиворонск во Белгородската област, кој се наоѓа покрај границата со Украина.
„Тоа сигурно нема да го урне Владимир Путин. Тоа веројатно се напади на две групи: Рускиот волонтерски корпус (руски националисти) и Руската Легија на слободата. Добро е познато дека двете страни се поддржани од Украинците, иако точниот износ на помошта не е позната“, објаснил тој.
Кога станува збор за авионите F-16, Роберт Бариќ не верува дека тие ќе го променат текот на војната.
„Да бидеме реални, примарното значење на испораката на авионите F-16 е во симболичното изразување на поддршка за Украина. Треба да се знае дека операцијата на борбените авиони и хеликоптерите е значително ограничена. Се очекуваше дека Русите ќе да започнат масовен напад врз украинскиот систем за воздушна одбрана и да го оневозможи во првите денови“, тврди Роберт Бариќ и додава: „Тоа беше една од најголемите тактички грешки на Русите од почетокот на војната. Но, дури и Украинците не можат да оперираат од воздух. Двете страни успеаја да создадат интегриран систем за воздушна одбрана на повеќе нивоа“.
Роберт Бариќ верува дека Украинците ќе ги добијат F-16 во рок од неколку месеци, но се сомнева дека тие ќе бидат оперативни пред 2025 или 2026 година.
„F-16 мора да лета и да слета на јасни писти поради доводот на воздух кој може да вшмукува се и сешто. Руските ловци, од друга страна, се дизајнирани да оперираат од произволни бази. F-16 сепак ќе се користи од страна на Украинците. Тие ќе го заштитат воздушниот простор на западна Украина и ќе учествуваат во отстранувањето на руските бродови од Црното Море. Но не пред 2025 година“, заклучил Роберт Бариќ.