Американскиот претседател ѝ се обрати на јавноста неколку дена по ненадејниот банкрот на две банки во таа земја – „Силикон вали банк“ и „Сигничр банк“.
Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, денес ѝ порача на јавноста дека американскиот банкарски систем и депонентите се безбедни по колапсот на две големи банки за помалку од една недела.
„Американците можат да бидат сигурни дека банкарскиот систем е безбеден. Вашите депозити ќе бидат таму кога ќе ви бидат потребни“, рече Бајден на прес-конференција во Белата куќа.
Американскиот претседател ѝ се обрати на јавноста неколку дена по ненадејниот банкрот на две банки во таа земја – „Силикон вали банк“ и „Сигничр банк“.
Бајден минатата недела му дал инструкции на својот тим да дејствува брзо за да ги заштити интересите на малите претпријатија и штедачите.
Тој нагласи дека Федералната корпорација за осигурување на депозити (FDIC) во последните денови ја презела контролата врз имотот на споменатите банки.
„Сите клиенти кои имаа депозити во овие банки можат да бидат сигурни дека од денес ќе бидат заштитени и ќе имаат пристап до нивните пари. Тука спаѓаат и малите бизниси. Даночните обврзници нема да ги сносат загубите. Наместо тоа, парите ќе дојдат од надоместоците што банките ги плаќаат во фондот за осигурување на депозити“, рече Бајден.
Тој додаде дека раководството на овие банки ќе биде разрешено доколку институциите бидат преземени од ФДИЦ.
„Инвеститорите и банките нема да бидат заштитени. Тие свесно го презедоа ризикот и кога ризикот не се исплати, инвеститорите губат пари. Така функционира капитализмот“, рече американскиот претседател.
„Силикон вали“ се затвори во петокот, што е најголемиот банкарски колапс од 2008 година, кога „Вашингтон Мјутуел“ пропадна во екот на глобалната финансиска криза.
TRT Balkan