Новинарите од Њујорк Тајмс ја анализираа досегашната работа на американскиот претседател Доналд Трамп, а она што се издвојува во сето ова е една неверојатна информација – Доналд Трамп го спомна поранешниот претседател Џо Бајден 316 пати за само 50 дена.
Меѓу другото, Трамп го спомна Бајден за време на последниот скандал во Белата куќа, кога пред нападот на Јемен беа откриени пораки од американски официјални претставници на апликацијата Сигнал.
Наместо да зборува за овој скандал, Трамп зборуваше за тоа како Бајден требало да изврши напади врз Јемен.
„Џо Бајден требаше да го изврши овој напад врз Јемен. Тоа требаше да го направи Џо Бајден, но тој не го стори“, рече Трамп.
Анализата спроведена од Њујорк Тајмс покажа дека во првите 50 дена од мандатот на Трамп, американскиот претседател го споменувал Бајден 6,32 пати на ден.
„Тој го спомна Бајден во повеќе говори отколку што рече „Америка““, се вели во извештајот.
Џејмс Карвил, човек кој долги години беше одговорен за стратегијата на Демократската партија, за Њујорк Тајмс изјави дека знае зошто Трамп толку често го споменува Бајден.
„Трамп се обидува да ја подготви јавноста за тешка економска ситуација која би можела да биде на хоризонтот благодарение на неговите трговски војни. Тој гледа што доаѓа и не може да се обвинува себеси, па затоа мора да го обвини Бајден“, рече Карвил.
Во анализата се наведува и како Трамп го претвори Бајден во политички бабак.
„Го споменуваше Бајден повеќе од Украина или Израел. Спомна само тарифи повеќе пати од Бајден. Го направи Бајден епски и сеприсутен човек кој е невозможно да се игнорира. Употребата на името на Бајден најчесто е придружена со реченици: „Бајден ги измеша бројките“, „Бајден не направи ништо“, „Бајден ни остави хаос“, „Бајден и’ дал пари на Кина“.
Во еден од најновите примери за употреба на презимето Бајден, Њујорк тајмс го наведе моментот кога Трамп ја однел новинарката на Фокс њуз Лаура Инграам во Овалната соба за да и ги покаже редизајнираните делови од канцеларијата. На ѕидот висеа сини завеси кои претходно ги немаше, а кога Трамп ги откри, зад нив имаше врамена копија од Декларацијата за независност на САД.
„Дали мислите дека Џо Бајден би го направил ова? Мислите ли дека тоа би му паднало на памет?” праша Трамп, уште еднаш ставајќи го Бајден во центарот на приказната.