Американскиот претседател Џо Бајден го даде своето прво интервју по официјалното повлекување од претседателската трка, а Си-Би-Ес Њуз објави инсерт каде тој зборува за можноста за насилство доколку Доналд Трамп ги загуби изборите во ноември.
Во ова интервју, барем во делот што беше објавен, Бајден предупреди дека Трамп и неговите поддржувачи нема да дозволат мирен трансфер на власта од Бајден на Камала Харис, која е демократска кандидатка за претседател на САД.
„Тој го мисли она што го кажува, иако не секогаш го сфаќаме сериозно. Тој вели дека ќе пролее крв ако изгуби, како ќе се украдат изборите. Не можете да ја сакате својата земја само кога победувате“, кажа Бајден.
Целосното интервју ќе биде објавено на 11 август, а во него Бајден зборуваше за повеќе актуелни теми за САД.
Да потсетиме, Бајден на 22 јули официјално објави дека се повлекува од трката за претседател на САД. Наскоро тој и даде целосна поддршка на својата потпретседателка, Камала Харис, која ја доби номинацијата на Демократската партија.