– Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот украински колега Владимир Зеленски вчера остварија телефонски разговор во кој разговараа за поддршката за Украина која се брани од руската агресија, соопшти Белата куќа.
„Двајцата лидери разговараа за тековната контраофанзива на Украина, а Бајден ја потврди непоколебливата американска поддршка, вклучително и преку континуираната безбедносна, економска и хуманитарна помош“, се вели во соопштението.
Тие, исто така, разговараа за неодамнешните настани во Русија, односно неодамнешниот вооружен бунт на паравоената група Вагнер против Москва.
Зеленски на Твитер напиша дека неговиот разговор со Бајден бил „позитивен и инспиративен“.
„Разговаравме за текот на непријателствата и процесите што се случуваат во Русија. Светот мора да изврши притисок врз Русија додека не се воспостави меѓународниот поредок“, рече тој.
„Му се заблагодарив на @POTUS за беспрекорната поддршка за Украина, особено за Патриоти“, рече тој, мислејќи на американскиот систем за противракетна одбрана Патриот.
„Важно е дополнително да ги зголемиме (одбранбените капацитети на Украина) за да го заштитиме нашето небо. Во овој контекст му се заблагодарив и за поддршката од коалицијата за борбени авиони. Разговаравме за натамошно проширување на одбранбената соработка, со акцент на оружјето со долг дострел“, додаде тој.
Двајцата лидери зборуваа и за самитот на НАТО во Вилнус, Литванија, на 11 и 12 јули. На седбата станало збор и за понатамошната работа за спроведувањето на Формулата за мир во Украина и подготовките за Глобалниот самит за мир.
„Во меѓувреме, американскиот секретар за одбрана Лојд Остин разговараше со својот украински колега Олекси Резников за регионалниот безбедносен развој и динамиката на теренот во Украина“, рече портпаролот на Пентагон, Пет Рајдер, во соопштението.
„Секретарот Остин ја повтори непоколебливата поддршка на САД за Украина и разговараше за приоритетите на безбедносната помош за да се задоволат потребите на Украина на бојното поле“, се додава во соопштението.
Остин и Резников „се обврзаа да останат во близок контакт“, се вели во соопштението.